Јавен интерес
Секоја твоја одлука како градоначалник мора да биде водена од јавниот интерес, а не од лична добивка, партиски притисоци или популарност. Јавниот интерес значи долгорочно добро за најголем број граѓани – дури и кога е непопуларно во моментот. Тоа е највисок критериум по кој се мери дали си вистински лидер или само политичар.

Ако не си сигурен дали нешто е во јавен интерес, постави си три прашања:

  • Дали оваа одлука им користи на сите или само на мал број?
  • Дали е праведна, транспарентна и одржлива?
  • Дали би ја објаснил со гордост пред цела општина?
Ако сите одговори се „да“, тогаш си на вистинскиот пат.
Конфликт на интереси
Секоја понуда што те става во ситуација каде личниот интерес се судира со јавната должност претставува потенцијален конфликт на интереси. Прозорецот во кој може да се донесе исправна одлука често е мал, но важен. Запрашај се: „Дали оваа одлука ми носи лична корист на сметка на јавниот интерес?“
Моќта и одговорноста
Како градоначалник, имаш голема моќ, но уште поголема одговорност. Одлуките што ги носиш ќе имаат реално влијание врз животите на луѓето. Не заборавај: довербата се гради бавно, а се губи во еден ден.
Политички влијанија и јавен интерес
Како градоначалник, секогаш ќе бидеш под притисок од политички партии. Но, твојата прва обврска е кон граѓаните и јавниот интерес. Одлуките базирани на политичка лојалност, наместо на стручност и потреби, го намалуваат квалитетот на услугите, поттикнуваат корупција и ја рушат довербата.
Транспарентност и отчетност
Секој трошок, дури и за реновирање канцеларија, мора да биде транспарентен и образложен. Објавувањето на информациите за трошење пари го зајакнува легитимитетот на твојата функција. Граѓаните имаат право да знаат каде оди секој денар од нивниот буџет.
Личен имиџ и јавна перцепција
Дури и кога средствата се лични, јавната функција не престанува надвор од работното време. Посетите на луксузни места или добивањето награди можат да изгледаат неетички за јавноста, дури и ако се правно дозволени. Примерот кој го даваш како лидер секогаш има тежина.
Рамноправност во распределба на средства
Твојата улога не е да фаворизираш родни краеви или пријатели, туку да ја следиш логиката на потреба, приоритет и фер распределба. Ако еден дел од општината има поголеми потреби, таму треба да одат ресурсите, без емоции и попустливост.
Вклученост на јавноста
Контроверзни одлуки, како преименувања, урбанистички планови или укинување на субвенции не треба да се носат во тишина. Јавните консултации можеби ќе ти одземат време, но ќе ти донесат доверба, информации и легитимитет. Демократските процеси секогаш одземаат повеќе време. Граѓаните не се само публика. Вклучи ги во одлучувањето преку форуми, анкети, советодавни тела. Кога луѓето се слушнати, повеќе веруваат во институциите и поддржуваат промените.
Однос со медиумите
Добар однос со медиумите не значи да им правиш услуги. Медиумите се контролен механизам на твојата власт, а не твои сојузници или непријатели. Обиди за манипулација со новинари може да изгледаат како краткорочна победа, но се долгорочна загуба за општествениот амбиент.
Однос со приватниот сектор
Приватниот сектор може да биде партнер во развојот, но не смее да биде диктатор на политики. Поддршката од бизнисот треба да доаѓа без уцени и без компромис врз јавниот интерес, природата или културното наследство.
Врамнотежување на личниот и јавниот живот
Семејството е важно, но граѓаните те избрале за да ги водиш. Одлуките поврзани со откажување јавни настапи заради приватни причини треба внимателно да се балансираат, со транспарентна комуникација и достојна замена кога е можно.
Еколошка одговорност
Секоја одлука за градежни проекти, фабрики, патишта – носи и еколошки последици. Размислувај долгорочно: не е успех ако денес имаш економски поени, а утре загадена вода, воздух или уништена природа.
Што е популизам?
Популизмот е кога политичарите велат токму тоа што луѓето сакаат да слушнат, дури и ако знаат дека тоа не е возможно, не е одржливо или не е вистинито. Популистите често нудат брзи и лесни решенија за сложени проблеми, обвинуваат „други“ за сè, и се претставуваат како единствени кои го штитат народот.
Лесно е да ветуваш се на сите. Тешко е да носиш вистински тешки одлуки. Популизмот носи брзи поени, но остава долгорочна штета. Биди мудар, не гласољубив.