Зошто ја направивме играта?
Доаѓаат избори...одиш, гласаш и толку. После тоа чекаш да дојдат следните избори. А како да одлучиш за кого да гласаш? Како да ги препознаеш вистинските намери на политичарите и да бидеш поинформиран пред да дојдат изборите?
Политичката едукација не е само за политичарите. Таа е темел на секоја функционална демократија. Да се разбере како функционира локалната власт, кои се механизмите за учество, како се носат одлуки и каква е улогата на граѓаните, сето тоа се вештини кои секој млад човек треба да ги има. Но, за жал, формалното образование во С. Македонија речиси и да не нуди системска политичка едукација. Немаме предмет што ги учи младите како функционира нашиот политички систем и како да бидат активни граѓани. Ниту како да препознаат злоупотреба на моќ, што значи јавен интерес или што е популизам.
Оваа празнина ја препознавме и ја претворивме во можност. Затоа ја создадовме оваа интерактивна игра, како алатка за учење преку искуство. Истражувањата покажуваат дека 77,5% од младите сакаат „лидер со цврста рака“ што укажува на авторитарни тенденции кај младите. Во исто време, знаеме дека младите учат најдобро кога учењето е поврзано со нешто што ги ангажира, што е интерактивно, забавно и блиску до нивната реалност. Токму затоа се одлучивме за гејмификација, користење на елементи од игрите (поени, избори, предизвици, сценарија) за да го направиме учењето подинамично и попривлечно.
Преку симулација на функцијата градоначалник, младите се ставаат во центарот на одлучувањето: треба да балансираат помеѓу интересите на различни засегнати страни, да одговараат на притисоци, да прават тешки избори и да сносат последици. Секоја одлука влијае на нивната поддршка од граѓаните, медиумите, партијата, бизнис заедницата и други актери, слично како во реалниот живот.
Нашата цел не е да создадеме идеални политичари, туку свесни, информирани и ангажирани млади кои ќе го разбираат светот околу себе и ќе бидат подготвени да го менуваат.
Затоа ја направивме оваа игра.
Оваа игра е развиена во рамки проектот „LEAP - Локално учество, активизам и демократија” е поддржан од Фондацијата Центар за демократија во рамки на проектот Regional Youth Dialogue for Europe, финансиран од Европска Унија.
Нејзината содржина е единствена одговорност на Здружението Лидери за едукација, активизам и развој и не нужно ги одразува ставовите на Европската Унија.